Потребно е да се наоѓаат други мерки и тоа пазарни, е ставот на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески за листата на производи што ќе бидат опфатени со Законот против нефер трговски практики, која министерот за економија ја достави до сите комори и Организацијата на потрошувачи.
На новинарско прашање дали Стопанската комора бара ревидирање на листата, на неа да бидат производи само со 5 проценти ДДВ и дали ќе има ефект Азески посочи дека тоа е за актуелното решение.
– Инаку нашиот став е дека треба да се наоѓаат други мерки, пазарни, затоа што кога ќе дојде до други мерки прашање е како тоа ќе се имплементира. Ние ќе учествуваме и во едните и во другите нема да бојкотираме никакви мерки. Но, најдобро е да има други мерки коишто се пазарни, коишто преку стоковите резерви и преку други механизми ќе го порамнат пазарот затоа што ние живееме во пазарна економија и се движиме кон евро-атланските интеграции, истакна Азески кој денеска имаше средба со претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
На дополнителното прашање дали тоа значи да бидат на листата само оние производи со пет проценти ДДВ со ограничена маржа, Азески одговори – Да нема листа на производи.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски истакна дека нашата држава гради општество на либерална економија и тоа уште од 1989 година. И тоа примерот на ЕУ, САД, кој како што рече Ковачевски е систем со предизвици. Забележа дека во тој систем има регулативни мерки и закони кои не дозволуваат една либерална економија да работи на штета на граѓаните, притоа мислејќи само на профитот на претприемачите. Ковачевски истакна дека мерките за ограничување на маржите и замрзнување на цените на производите, кои се типично непазарни мерки мораа да се направат, за да се заштити стандардот на граѓаните. Токму поради тоа, посочи се работеше и на Законот за спречување на нефер трговски практики.
-Гледате дека тоа е Закон за кој немаше критика од никој. Прво од граѓаните не може да има критика, бидејќи ќе влијае на намалување на цените. Второ од производителите немаше критика, бидејќи тој е во интерес на производителите. Затоа што нивниот производ нема да биде обременет со дополнителни нетрговски маржи и трето малопродавачите и големопродавачите немаат против, бидејќи ако имаа против ќе требаше да кажат против што се, вели Ковачевски.
Забележа дека овој Закон е одличен, а како што рече таков Закон одлично функционира во Хрватска. Ковачевски очекува после периодот од шест месеци за прилагодување ќе има систем, во кој точно ќе се знае производната цена на еден производ и начинот на зголемување на неговата цена, согласно со маржи во големопродажбата и во малопродажбата.