Три лица го загубија животот, а едно дете е повредено во тешка сообраќајна несреќа што попладнево се случи на автопатот кон Скопје, во близина на Тетово.

Увид на лице место изврши дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Според првичните информации, до несреќата дошло при контакт меѓу патничко возило и автобус, при што автомобилот со кој патувале тројцата загинати и повреденото дете излетал од патот.

Обвинителството презема дејствија за утврдување на причините и околностите на несреќата. Издадена е наредба за обдукција на починатите лица, а за возачот на автобусот е наредено испитување на евентуално присуство на алкохол или други психоактивни супстанции. Двете возила се одземени за технички преглед.

На лице место беше повикано стручно лице – сообраќаен вештак, а ќе биде изготвено и целосно сообраќајно-техничко вештачење врз основа на собраните докази, фотодокументацијата и трагите подигнати од местото на несреќата./Макфакс

Текстот Автомобил се судри со автобус кај Тетово – тројца загинати, едно дете е повредено е превземен од МАКФАКС.