Приватниот превозник на автобуски градски превоз „Макекспрес“ денеска не сообраќаа на линиите 19, 20, 22, 52 и 54, поради неисплатен долг од страна на ЈСП „Скопје“ и Град Скопје. Ниту еден автобус од „Макекспрес“ не е излезен утрово, поради тоа што, како што тврдат, немаат средства.
Сопственикот на компанијата Милорад Димитријевски вчера побара итна средба со раководството на ЈСП и градската власт.
– Поради неподмирените долгови од страна на ЈСП, се доведува во прашање нормалното функционирање на јавниот превоз. Имено, моменталниот долг на ЈСП кон претпријатието Макекспрес превоз до овој момент изнесува повеќе од 30 милиони денари и овој долг секојдневно расте, линиите 19, 20,22, 52 и 54 од утре најверојатно нема да бидат функција, изјави денеска Димитријевски.
Бара исплата на долгот за август, септември и октомври и да се почне со редовна исплата на неделните аконтации за извршен превоз.