Александар Васоски е вистинскиот гостин за анализа на селекцијата на Австрија. Австриските репрезентативци 80% играат во Бундеслигата, каде што Васоски беше долги години. Тој во „10 МИНУТИ“ на ТВ21 вели дека нивниот менталитет е никогаш да не се предаваат.
„Австрија е силна репрезентацијата, нивните фудбалери секогаш играле во Бундеслигата во најголем број, и од таму го имаат примено тој германски менталитет. Играат до крај, никогаш не се предаваат, а тоа го покажаа и вчера“, коментираше Васоски.
Покрај натпреварот, ја коментираше и атмосферата на стадионот. Вели дека дома со неговата фамилија кога го гледал мечот, имал многу емоции, а само може да замисли што се случувало на теренот во Букурешт.
„Сум играл големи натпревари и со клубовите и со репрезентацијата. Јас со мојата фамилија пред телевизијата вчера кога гледав имав трема, а можам да замислам како им беше на репрезентативците. Навистина атмосферата беше прекрасна, и штета што резултатот беше таков“, вели Васоски.