Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг денеска, на свечена церемонија повторно ќе ја отвори австриската амбасада во Багдад, главниот град на Ирак.

Шаленберг на прес-конференција со ирачкиот колега Фуад Хусеин во Багдад рече дека неговата посета на Ирак е „знак на доверба“.

„Австрија сака да сврти нова страница во односите со Ирак“, потенцираше Шаленберг.

Тој денеска треба да се сретне и со ирачкиот претседател Абдул Латиф Рашид и премиерот Мохамед Шија ал Судан, по што е планирана церемонија на отворање на амбасадата.

Австриското дипломатско претставништво беше затворено во 1991 година, но повторно е во функција нешто помалку од една година, а сега е сместено во хотелот „Babylon Rotana“ од безбедносни причини.

– Повторното отворање покажува доверба во државните институции и издржливост наспроти предизвиците во регионот, рече Шаленберг.

Тој рече дека нивната цел е да ја подобрат соработката на полето на економијата и безбедноста.

Хусеин, кој е и вицепремиер на Ирак, изрази уверување дека повторното отворање на амбасадата ќе доведе до интензивирање на односите меѓу Ирак и Австрија.

– Ние сме големи оптимисти дека ќе има соработка, рече тој.