„Да се реафирмира желбата на Албанците, која беше изразена на референдумот во 1992 година’ –ова беше целта на расправата на тема ‘Република Илирида – фундаментално решение за функционирањето на рамноправноста во Македонија, која се одржа вчера во Тетово“ – објавува Телевизија „Клан“.
„Од Движењето Илирида велат: ‘Триесет години сме сведоци на жртвувањата, за да владееме заедно со другите народи во Македонија, но ова заедничко владеење не ги даде саканите резултати. Крајно време е за промени“ – известува ТВ „Клан“.
Инаку, во тетовското село Мала Речица во 1992 година бил организиран „референдум за политичко – територијална автономија на Албанците“.
ТВ „Клан“ ја цитира изјавата на Неџат Беџети, означен во споменатата синоќешна дебата како „претседател на Движењето Илирида“: „Треба да се промени позицијата и статусот на Албанците во Македонија, бидејќи сме население со компактно распространување и голем демографски број. Меѓународните норми, Повелбата на Обединетите Нации и документите на Хелсинки ни даваат право да имаме автономно владеење и да ја имаме Република Илирида, која е израз на волјата на граѓаните – Албанци.“
„Од движењето Илирида велат дека сега се прават последните подготовки ова движење да се регистрира како политичка партија, за да земе учество на изборите. Ако победат на изборите, ќе го формираат Парламентот на Илирида“ – пишува ТВ „Клан“.
ТВ „Клан“ ја пренесува и оваа изјава на Неџат Беџети: „За да постигнеме регистрација како политичка партија и да учествуваме во изборите и изборната кампања, ќе го поднесеме барањето за федерализација на државата и ако ги освоиме гласовите на граѓаните, според автоматизам ќе го формираме Парламентот на Илирида, која ќе функционира како втора Република во рамки на Македонија. ”
„Според Движењето ‘Илирида’ оваа дебата како настан претставува јавно реактивирање, така што во иднина идејата ќе се шири меѓу луѓето, за да сфати населението дека мизерната состојба во која денес се наоѓаат Албанците може да се надмине само со воспоставувањето Република Илирида како втор столб во оваа држава“ – известува ТВ Клан“.