Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост поради првостепената судска пресуда од 12 јануари годинава против новинарката Лиридона Вејсели Тафили, оценувајќи дека ваквата одлука испраќа негативна порака за слободата на изразување и медиумските слободи.

Од Агенцијата посочуваат дека кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции, во контекст на нивната професионална работа, создава притисок врз медиумите и директно го ограничува правото на јавноста да биде информирана. Според АВМУ, сите релевантни чинители треба активно да придонесат кон обезбедување услови за непречено остварување на слободата на изразување и информирање, како и за заштита на новинарите и медиумските слободи.

Реакцијата на АВМУ следува откако новинарката и дигитална креаторка од Тетово, Лиридона Вејсели Тафили, беше осудена во Основниот суд во Гостивар на парична казна од 700 евра, односно 43.000 денари, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пресудата се однесува на новинарски прилог објавен на социјалната мрежа ТикТок, во кој таа го навела името и презимето на судија од Основниот суд во Тетово.

„Осудена сум од Основниот суд во Гостивар со 700 евра казна за изнесување лични податоци, затоа што при известувањето за една тема што ја обработував го спомнав името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово. Станува збор за случај во кој возрасно лице уценувало малолетник, му испраќало порнографски материјали и му се заканувало, а судијата му изрече казна од три месеци ефективен затвор“, изјави Вејсели Тафили за случајот за кој е осудена.

Во конкретниот предмет, Основниот суд во Гостивар, односно судијката Магдалена Мишоска, постапувала по предлог за издавање казнен налог поднесен од Основното јавно обвинителство Тетово, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ по член 149 став 1 од Кривичниот законик.

Во образложението на пресудата се наведува дека на 28 октомври 2024 година, околу 9 часот во Тетово, обвинетата без согласност на оштетениот Назиф Илјази, судија во Основниот суд Тетово, користела негови лични податоци спротивно на законските услови. Според судот, Вејсели Тафили на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок објавила видеа во кои го навела неговото име и презиме, со што му нанела штета на честа и угледот, како и на професионалната дејност што ја врши повеќе од 37 години.

Случајот предизвика реакции во јавноста и во новинарската фела, при што се отвори дебата за границата меѓу заштитата на личните податоци и правото на јавноста да биде информирана за работата на носителите на јавни функции, особено кога станува збор за прашања од висок јавен интерес.