Најновото истражување на Здравствениот институт на Англија покажа дека вакцините на компаниите Фајзер и Астра Зенека се ефикасни во заштитата на луѓето од индиската мутација на корона вирусот.

Анализата спроведена меѓу 5 април и 16 мај покажа дека вакцините на Фајзер се 88 проценти ефикасни во случај на индискиот вид коронавирус две недели по земањето на втората доза. Од друга страна, против британскиот вид корона вирус, вакцините на Фајзер покажаа ефикасност од 93 проценти.

Научниците ја испитале и ефикасноста на вакцината на Астра Зенека врз индискиот вид коронавирус. Според студијата, Астра Зенека покажала ефикасност од 60 проценти кога станува збор за индискиот вид коронавирус, што е за шест проценти помалку од заштитата што вакцината ја обезбедува од британскиот вид.

Според британски Гардијан, причината поради која постои разлика во ефикасноста меѓу двете вакцини може да биде што на вакцината на Астра Зенека и треба малку подолг период за да достигне максимална ефикасност. После тоа, вакцината, според научниците, обезбедува значително подолга заштита од корона вирусот.

– Сега е сосема јасно зошто е важна втората доза на вакцината за да се обезбеди најсилна заштита од коронавирус и сите негови варијанти, рече британскиот министер за здравство Мет Хенкок.

Со оглед на заштитата што вакцините ја даваат од различни варијанти на корона вирус, истражувачите истакнаа дека очекуваат вакцината да достигне максимална ефикасност и кога станува збор за намалување на бројот на хоспитализации и смртни случаи.

– Студијата покажа дека вакцините обезбедуваат високо ниво на заштита од симптоматски случаи на зараза со индиската мутација на корона вирусот. Очекуваме да обезбедат истата заштита со цел да се намали бројот на смртни случаи и хоспитализации поради зараза со корона вирусот, рече шефот на одделот за имунизација во Здравствениот институт на Англија.

Од почетокот на процесот на вакцинација во Англија, спроведени се неколку студии за анализа на ефикасноста на вакцините во борбата против корона вирусот.

Според овие податоци, програмата за вакцинација во Англија досега спречила повеќе од 13.000 смртни случаи од корона вирус, како и најмалку 39.100 хоспитализации, особено на постари лица.