Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) итно бара да се поништи јавниот повик на Државната лотарија за основање на три трговски друштва за приредување онлајн игри на среќа, бидејќи тој ќе ја доведе во прашање егзистенцијата на постојните приредувачи на игри на среќа, кои веќе имаат инвестирано во кадар, опрема и во простор.

„По објавените скандали во медиумите за работата на Државната лотарија и влезот на Финансиската полиција во ова акционерско друштво за приредување игри на среќа, се потврдија нашите предупредувања, дека тендерите на Државна лотарија се незаконски и дека зад нив се кријат владини интереси. Овој јавен повик го спориме од самиот почеток бидејќи беше донесен тајно и на мала врата, комплетно нетранспарентно и беше очигледно дека е креиран и веќе договорен за странски компании“, се наведува во реакцијата на АСОМ.

Во повикот на кој не учествуваше ниту една членка на АСОМ се бараше искуство во приредување интернет игри на среќа во период од најмалку 3 години од денот на поднесување на понудата, искуство од најмалку 8 години во развој, поддршка и маркетинг на интернет платформа за игри на среќа и содржини на игри во две држави во Европа од кои една на Балканот и 40 милиони евра приход само од интернет игри на среќа.

„Повеќе од јасно беше дека овој повик е наменет за странски договорени компании бидејќи државата веќе десет години ги дискриминира домашните компании и не им дозволува да организираат игри на среќа на интернет, преку неносење на подзаконските акти кои ги пропишува постоечкиот закон.

Дополнително, физибилити студијата со која се правда потребата за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа беше откриено дека е потпишана од неовластен проценувач, што уште еднаш докажува дека се работи за нерелевантен документ, за кој очекуваме да реагираат надлежните институции.

Можеби ќе ве интересира
ЗАШТИТЕ ГО СВОЈОТ НАРОД, ЗАПРЕТЕ ГО ПОГУБНИОТ ЗАКОН ЗА ИГРИ…

Плусинфо 31/10/2023
ПОЛИЦИЈАТА ВО МАСОВЕН ЛОВ НА ФИНАНСИСКИ КРИМИНАЛЦИ Акцијата…

Плусинфо 30/10/2023
Објавените информации во медиумите за наместените тендери на Државна лотарија ја потврдија нашата теза дека новиот предлог Законот за игри на среќа се турка во Собрание за да се направи обид да се озакони незаконскиот тендер на Државна лотарија, во услови на низа неправилности во Државна лотарија, кога Финансиската полиција го чешла нејзиното работење.

Сега веќе целосно излезе на виделина дека новиот предлог Закон за игри на среќа и незаконската Владина одлука за основање на три нови друштва за приредување на интернет игри на среќа крајна цел е преземање на Владата на бизнисот со игри на среќа, а не заштита на малолетниците како што тоа се претставува во јавноста.

Токму затоа итно бараме пратениците да го отфрлат новиот предлог Закон за игри на среќа кој ќе значи крај на легалната индустрија на игри на среќа и инсистираме да се вклучат сите засегнати страни во креирање на сите следни одлуки поврзани со индустријата.

Јасно истакнуваме дека нема да дозволиме Владата да изврши упад во бизнисот со игрите на среќа и да затвори една легална индустрија, која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра и вработува над 10.000 лица.

Веруваме дека надлежните институции професионално ќе ја завршат својата работа и дека на виделина ќе излезе вистината за незаконското работење на Државна лотарија кое нанесува штета на целата држава“, се наведува во реакцијата на АСОМ.