Менаџерот на Арсенал, Микел Артета вели дека Месут Озил може да го напушти Арсенал овој месец, само доколку пристигне добра понуда за него, пренесува британскиот „Скај“.
– Доколку нешто се реши овој месец, тоа ќе биде затоа што обете страни ќе бидат задоволни. Добро за Месут и неговата иднина и добро за клубот. Доколку тоа не се случи, играчот ќе остане со нас – рече Артета.
Менаџерите на Озил разговараат со претставници на бројни клубови, вклучувајќи ги Фенербахче и Ди Си јунајтед, но германскиот фудбалер рече дека приоритет е да остане во Арсенал до крајот на оваа сезона кога истекува неговиот договор.
Не беше пријавен за првиот дел од сезоната во Премиер лигата, а тој нема одиграно ниту еден натпревар сезонава, и покрај тоа што е еден од најплатените играчи на Арсенал.
– Често се носат многу одлуки во врска со играчите. Дали да играат или не. Знаеме дека имаме многу важен играч, клучен во последните неколку сезони за клубот. Морав да донесам одлука да го оставам надвор од тимот и тоа го направив. Знаев какви ќе бидат последиците. Сега ќе мора да донесеме нова одлука. Мора да видиме која е најдобрата опција за клубот и кои се намерите на Озил, мора да се обидеме да најдеме решение за тоа – додаде шпанскиот стратег на „топчиите“.
Агентот на Озил, Еркут Согут за „Скај“ изјави дека за „седум до 10 дена“, ситуацијата во врска со играчот кој прима неделна плата од 350.000 фунти ќе биде нешто појасна.