Првиот вицепремиер Артан Груби соопшти дека постои иницијатива од Франција за брзо постигнување договор меѓу Скопје и Софија за брз почеток на преговорите за членство на С. Македонија во ЕУ. Бугарија веќе ги анализирала одговорите што ги добила од Владата во Скопје.
„Веќе ги доставивме одговорите на сите прашања покренати од Бугарија, на најконструктивен можен начин и очекуваме новите власти, претседателот Радев, новата Влада, конструктивно да пристапат кон дијалогот за овие прашања и да постигнат договор што ќе ни го отвори патот кон Европската Унија. Да, точно е дека постои и француска иницијатива да се седне на маса и да се надминат сите разлики за на почетокот на 2022 година да се одржи првата меѓувладина конференција.“
Иако деталите не се познати, новиот партнер на владејачката коалиција, Алтернатива, тврди дека има поместувања.
„Верувам дека сето ова ќе биде на дневен ред за она што го ветивме и Северна Македонија да започне преговори со Европската Унија. Ќе поддржиме секаква иницијатива, ќе ја поздравиме, секогаш во корист на нашиот пат кон ЕУ.“
ВМРО-ДПМНЕ нема информации за потпишување евентуален договор во Париз, меѓутоа вели дека Заев е подготвен на секаков компромис на штета на интересите на државата.
Албанската опозиција ја потсетува власта дека постои Резолуција што ја донесе Собранието за спорот со Бугарија.
„Не, не сме информирани бидејќи евидентно е дека таквите преговори се одвиваат далеку од очите на јавноста. Она што го знаеме е дека Собранието донесе резолуција предложена од политичка партија во Собранието, поддржана од мнозинството пратеници или од сите пратенички групи и таа треба да биде основа за преговори со Бугарија.“
Франција го презема претседавањето со Европската Унија од 1 јануари. Во меѓувреме, Бугарија вчера информираше дека останува на ветото за С. Македонија, односно оти нема да дозволи старт на преговорите за членство сè додека не се прифатат бугарските услови.