По повеќе од година дена поминати во бегство на граничниот премин Блаце е приведен поранешниот вицепремиер во коалицијата на СДС и ДУИ, Артан Груби, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Потсетуваат дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се поврзува со сериозен криминал и корупција во периодот на владеење на СДС и ДУИ.
Осомничен е, како што велат, за проневера во службата за случајот со државна лотарија.
„Штетата на државата од неговите постапки е над 8 милиони евра со индиции сумата да биде и значително повисока.
Во јавноста беа изнесени сомнежи дека заедно со тогашниот директор на Државна лотарија, Бајрами, биле спроведувани спорни тендерски постапки и исплаќани аванси кон деловни партнери.
СДС знаеле за криминалот на Груби и молчеле и не реагирале.
СДС за да опстане ден повеќе на власт ги толерирале злоупотребите кои се случувале во Лотарија под раководство на Бајрами, а под покровителство на Груби тоа го потврди и извештајот на ДЗР.
Јавноста очекува институционална разрешница“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, борбата против криминалот и корупцијата е приоритет, а секој што постапувал спротивно на законот ќе мора да одговара согласно правниот поредок.























