Не знам дали идејата за посетата на Петков доаѓа од неговиот кабинет, од наша страна, или од некој друг центар на „идеи“, но како и да е, неговата посета на Битола при отворањето на културниот центар „Иван Михајлов“ е грешка.  Последиците од таа грешна проценка, секако ќе го направат решавањето на проблемот со Бугарија потешко, а постои ризик да го направат невозможно во јуни.  По старото правило дека кој стои зад некоја акција, најлесно се познава по тоа кој од резултатот има најмногу да добие, овде се поставува прашањето дали двете страни, и македонската и бугарската, се, во основа, зезнати од некој трет?

Ова го пишува аналитичарот Петар Арсовски.

Затоа, за мене е грешка, и на Петков, но и наша, што дозволуваме единствените прогресивни сили во Бугарија да бидат вплеткани во овој проблематичен аргумент без крај.  Тоа, и покрај надежите дека може да му ја олесни позицијата на Петков дома, може да се покаже фатално, бидејќи во основа, ваквиот потег, само им дава сила на оние струи во Бугарија кои сметаат дека за решение не треба да се брза, односно на оние кои не сакаат разумен компромис. Ваквото мешање во тој наратив, им ги разгорува амбициите на националистите од двете страни, го влошува дискурсот, па со самото тоа, го одложува решението.  Зашто, во истиот момент кога едната страна, во случајов бугарската, ќе помисли дека има уште простор за „придобивки“, таквото сознание ќе ги направи помалку податливи за решение, сметајќи дека со одолговлекување можат да добијат уште концесии од процесот.  Истото се покажа точно со Преспанската спогодба – се додека ние упорно попуштавме, тие упорно притискаа.  Дури соочени со „земи или остави“, двете страни сериозно се посветија на решение кое би било вин-вин.  На крајот, замислете си во сред преговорите за Преспа, дали е помогнеше Ципрас да дојдеше со „Златна зора” да отвора нивен културен центар во Гевгелија.

Повеќе во колумната на Петар Арсовски за Дојче Веле на македонски јазик.