Откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека е против новите рестриктивни мерки кои ги донесе Владата во борбата против ширењето на вирусот, денеска со критики се јави и портпаролот на партијата Димче Арсовски.

Како што вели тој, наместо Заев и Филипче да носат стимулативни мерки, тие ги заплашуваат и дискриминираат граѓаните.


-На праг на четвртиот бран наместо да понудат решенија, тие репресираат и на сила и заплашувачки, дискриминаторски се однесуваат кон граѓаните. За СДСМ има само вакцинирани, а за живи не ги сметаат оние кои имаат створено антитела преку прележување на корона вирусот. Такви се над 200 илјади лица кои имаат прележано корона вирус, односно околу 150 илјади официјално и сигурно уште околу 50-тина илјади кои не се пријавени и сите тие имаат најголем дел развиено антитела. За Филипче и Заев овие луѓе не постојат, односно ги дискриминираат и по секоја цена сакаат да ги одвојат и жигосаат. Имунитет имаат и едните и другите, но за Филипче важни се само оние кои што се вакцинирани. Значи да сумираме, никој не е против вакцинирање, само мора да се излезе од насилната матрица на Владата на Зоран Заев, на Венко Филипче и оние кои што имаат стекнато имунитет преку прележување на болеста, да бидат исто третирани како и оние кои што се вакцинирани. Никој никому не смее да му оспори право на живеење и секојдневие ако има стекнато имунитет на едниот или другиот начин, вели Арсовски.

Инаку, на барање на Комисијата за заразни болести, Владата донесе одлука да ги забрани свадбите и прославите во затворен простор од 16-ти август, потоа да воведе задолжително приложување на сертификат за примена најмалку една доза вакцина во сите затворени објекти каде што има повеќе од 30 лица.