Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека владејачката СДСМ нуди стари и истрошени кадри, без кредибилитет во преспрет на очекуваниот пораз на локалните избори.
„Кандидатите на СДСМ за градоначалници се лица кои смениле и по неколку функции до сега, воопшто не се нови како што велат, многу се подмитливи и тоа се виде по неколку афери кои излегоа за нив и се луѓе со сомнително бизнис минато“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој тврди дека кандидатот на СДСМ за Битола, Христо Кондоски, е дел од бизнис лобито блиско до Вице Заев, дел од групацијата СН и Стентон, одговорни за загадување на животната средина во Битола.
„Според наши информации Кондоски е лице со криминално минато, кој во 2009 година тој е осуден на условна казна затвор за тешка телесна повреда, а и пред тоа против него се водени неколку постапки пред органите на прогонот. Дали ова е така нека одговорат од СДСМ. Очигледно таму имаме за кандидат насилник во најава“, обвинува Арсовски.
Во врска со новите кандидати на СДСМ за Центар, Куманово, Струмица, Арсовски вели дека партија јавно признал дека нивните наводни најуспешни градоначалници не сработиле ништо.
Според него, Горан Герасимовски, кандидат за градоначалник на Центар е стар кадар, актуелен директор на Државниот завод за индустриска сопственост.
За кандидатот за градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, Арсовски смета дека е миленик на Заеви, познат по дружбите со осудените во Рекет, а во меѓувреме ја вработил половина фамилија во државните институции.
Тој смета дека Оливер Илиевски, кандидат за Куманово, актуелен директор на ЈП Водостопанство „Кумановско – Липковско поле” е послушник на партиската централа во градот.