Ако Ковачевски вели, малку кој верувал дека ќе има 500 евра просечна плата, јас велам дека сето тоа повторно е вештачко. Мораме да потенцираме дека малку кој веруваше во Република Македонија дека СДСМ ќе ја донесе државата на ова дереџе и дека ќе имаме двоцифрена инфлација, која што е една од највисоките во регионот. Малку кој веруваше дека за една година цените на основните животни потреби на граѓаните ќе се зголемат од 30 до 100 проценти. Тоа е вистинскиот одговор на Ковачевски, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски одговарајќи на новинарско прашање запрашан за коментар за изјавите на премиерот Димитар Ковачевски дека до исполниле ветувањето за 500 евра просечна плата во Македонија.
Им порача на власта да престане да ги лаже граѓаните со покачување на платите откако енормно ги зголемија цените на струјата, горивото и основните прехранбени продукти со што се зголемија и трошоците за живот што граѓаните го чувствуваа на сопствен грб, така што платите ја изгубија вредноста што ја имаа и со тие пари многу малку производи може да се купат во маркетите.
„Цената на струјата ја покачуваат за 30 проценти, цената на горивата за 80%, цените на лебот и брашното за 100%, цената за шеќерот 40%. Млекото е покачено за 50%, маслото за јадење 100 проценти поскапо и така натаму. Ете го одговорот на Ковачевски. Да прекине да ги лаже граѓаните. стандардот на граѓаните е уништен и тоа го гледаат тие самите секојдневно. Стандардот на граѓаните е уништен, економијата е разрушена. Платите изгубија вредноста која што ја имале претходно и тоа благодарение на СДСМ. Така да, да не ги замајуваат граѓаните, да не ја лажат јавноста, бидејќи никој повеќе не им верува затоа што знаат самите граѓани колку им вреди нивната плата кога ќе влезат да пазаруваат во маркет“, истакна Арсовски.
Додаде дека додека македонските граѓани се повеќе осиромашуваат, Владата на Ковачевски продолжува да се луксузира и да троши народни пари за кафиња, апетисани, скапи меса не грижејќи се воопшто за состојбата на граѓаните.
„Од друга страна, истата таа Влада на Ковачевски се луксузира, троши едно брдо пари на граѓаните на непродуктивни трошоци, троши пари на кафиња во владата, троши пари на апетисани, на скапи меса и така натака. Но, најважно е нив да им е удобно и луксузно, за граѓаните воопшто не им е грижа како им е и што им се случува. Ете тоа е вистинскиот одговор на Ковачевски. Криминалот, неодговорноста, неспособноста и крадењето на оваа Влада на СДСМ и ДУИ народот скапо ја плаќа“, порача Арсовски.