Одложувањето на пописот не е опција, бидејќи ова е широка операција која се работи месеци наназад преземени се сите мерки, ангажирани се сите капацитети во државата. Веќе неколкупати рековме дека сите највисоки стандарди ќе бидат запазени и во целосост ќе бидат заштитени и попишувачите и оние кои треба да бидат попишани, рече денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.
Пописот, нагласи тој, е задолжителна операција, односно учеството во пописот е задолжително. Убедени сме, додава Арсовски, дека најголем дел од граѓаните разбираат колку е важно тој да се спроведе.
– Во однос на безбедноста уште еднаш ќе повториме дека стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите и тука не треба да постои никаква дилема, граѓаните ќе бидат заштитени. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно по сите стандарди, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
На прашањето за безбедноста на спроведувањето на оваа статистичка операција говореше и Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика, која истакна дека тие како институција не одлучуваат дали таа ќе се одржи, туку само ги спроведуваат активностите предвидени во законскот решение.
– Пописот претставува задолжителна активност на ДЗС предвидена во Програмата за работа. И ние се водиме нормално од Програмата, она што ни е задолжение да го завршиме. Спроведувањето или неспроведувањето на терен во зависност од ковид-ситуацијата не е нешто за кое може да одлучи ДЗС. Ние само ги следиме поставените рокови, донесените одлуки и законските обврски што не обврзуваат да спроведеме попис, рече таа.
Во однос на тоа колкав треба да биде бројот на лица кои ќе одбијат да се попишат за податоците да не бидат релевантни Ѓоргиева истакна дека тоа не може да се каже бидејќи, како што рече, ова не е обично статистичко истражување, туку масовна статистичка операција.
– Ние од нашето искуство сметаме дека во текот на самиот попис граѓаните сепак ќе одговорат на прашањата. Точен процент колку проценти од не одговоарање или не одѕивање на пописот би значел успешен или неуспешен попис не може со сигурност да се каже, затоа што едно е обично статистичко истражување, друго е една ваква масовна статистичка операција како што е пописот. Меѓутоа, сметаме дека сепак ќе имаме целосен опфат во текот на пописните активности и дека ќе имаме успешна реализација на оваа активност и на крај релевантни податоци, рече таа.
Во врска со тоа дали ќе бидат казнети лица кои повикуваат на бојкот или организираат разни иницијативи за неизлегување на пописот, Ѓоргиева исткна дека тоа се активности со кои треба да се занимаваат други органи.
– Во законот прецизно е наведено што значи или попречување или поттикнување на бојкот или поттинкување да не се учествува во пописот. Ние сепак сме сгигурни дека кај населението ќе преовлада здравиот разум и чуството за потребност и итност да се спроведе пописот и да се добијат овие неопходни податоци, истакана таа.
На прес-конференцијата беше упатена и порака сите граѓани да учествуваат во пописот, а сите политички чинители да дадат придонес и да повикаат на масовно попишување. Во таа насока, според владиниот портпарол, се и постојаните апели на владините претставници за масовност во попишувањето, меѓу кои и повиците на првиот вицепремиер Артан Груби од Приштина и Тирана.
– Секој повик за поддршка на пописот е придонес плус за успешноста на оваа статистичка операција. Владата ги повикува сите политички чинители, најгласно што можат да испратат порака со поддршка на пописот како сопствен највисок чин на одговорност и придонес кон оваа исклучително важна статистичка операција. Секој граѓанин треба да учествува во пописот и да придонесе во негова популаризација тргнувајќи од интересот за сопствен подобар живот, за добро на државата, на својата заедница и пораката за задолжително учество во пописот да ја испратат и сите домашни политичари вклучувајќи ја и опозицијата. Тоа е операција околу која сите треба да се обединиме, да дадеме придонес и затоа сите претставници на Владата ја користат секоја прилика да го промовираат пописот упатувајќи повик за поддршка тој да биде спроведен успешно, рече Арсовски одговарјќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Пописот во земјава треба да почне на 1 април и да заврши на 21 април. Во моментов во тек е опрација за попшишување на дијаспората.