Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска преку социјалната мрежа Facebook објави дека му стигнало барање за извинување од страна на премиерот Зоран Заев и подвлекува дека нема намера да му се извини.

„Немам намера да се извинам, единствен кој треба да се извини на граѓаните и Република Македонија во чие име говорам е Зоран Заев и неговата клика околу него“, напиша попладнево на Фејсбук портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Барањето за извинување поднесено од Заев доаѓа поради фактот што Арсовски на прес-конференција кажал дека премиерот има склоност кон криминал, дека ја ограбил државата и дека функционира „како шеф на нарко-картел кој шверцува дрога со државни ресурси“.

„Ми пристигна барање за извинување за моја прес-конференција лично од Зоран Заев, не од неговата партија или од Влада, туку лично од него преку негов полномошник-адвокат. Очигледно Заев е малку нервозен поради тоа што многу набрзо нема да има ниту една привилегија од тие што ги имаше изминативе години. Имено, во прес-конференцијата наведов дека има склоност кон криминал, претрпе еден од најголемите порази од ВМРО-ДПМНЕ и од Мицкоски со над 100.000 разлика, дека ја ограби државава, дека никој не одговараше за 14 изгорени луѓе во тетовската болница и дека функционира како шеф на нарко картел кој шверцува дрога со државни ресурси. И да, стојам позади ова што го кажав и ниту една тужба нема да ги смени овие особини на Зоран Заев“, пишува Арсовски.