Дури ни Заев не успеа да го испрати Љубомир Фрчкоски како амбасадор, но тоа му успеа на претседателот Пендаровски на незаконски начин, но ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати Фрчкоски дома на законит начин, изјави на прес-конференција портпаролот на партијата Димче Арсовски.
Фрчкоски е еден од ретките кого не го сакаат ниту во Македонија, ниту во странство, зашто е врзан со разни криминални скандали, а се памети и неговата изјава дека ќе ги натера Албанците да го препливаат Јадранско Море до Италија, рече Арсовски, прашувајќи ја ДУИ за став по ова прашање.
СДСМ и Пендаровски спротивно на законите и спротивно на стратегиското партнерство, го назначија Фрчкоски за амбасадор во Обединетите нации, нешто што не му успеа ниту на Зоран Заев, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека станува збор за човек врзан директно за голем број скандали во изминатите 30 години – од коруптивни, мизогинија, до насилни па и до поврзување со атентати.
„Откако не го сакаа стратегиските партнери за амбасадор во Вашингтон и е вратен од официјален Вашингтон, имајќи ги на ум сите негови скандали во неговото, всушност, скандалозно портфолио, Пендаровски противзаконски го праќа за амбасадор во Обединетите нации. Нејасно е како така аматерски се постапува и како може да се прати човек како Фрчкоски за амбасадор во Обединети нации, кога него не го сака ниту еден стратегиски партнер на Република Македонија“, рече Арсовски.
Тој наведе дека Пендаровски го прекршил член 39 од Законот за надворешни работи кој предвидува претставување пред матичната собраниска комисија, а со тоа и пред јавноста и дипломатите во земјава.
Пендаровски го нарушува угледот на државата и на нејзината дипломатија која и така е веќе нарушена, но и ја потценува интелигенцијата на граѓаните, рече Арсовски, според кого Фрчкоски е всушнст награден заради своите, како што нагласи портпаролот, фашистички, антидржавни и антинародни ставови.
„Фрчкоски велеше дека Албанците ќе пливаат во Јадранското море накај Италија. Еве јавно прашуваме, дали и ДУИ е согласен како коалиционен партнер на СДСМ и покрај ваквите изјави, Фрчкоски да ја претставува Република Македонија во Обединетите нации“, рече Арсовски.
Тој нагласи дека многу брзо ќе дојде времето кога Фрчкоски ќе биде вратен од Њујорк.
„Штом незаконски Пендаровски, Ковачевски и сите останати таму како награда го праќаат Фрчковски во Обединетите нации, ние на законски начин ќе го вратиме веднаш штом се смени власта и сите кои што ќе постапиле противзаконски ќе сносат одговорност. Не смееме и нема да дозволиме вакви ликови да ја срамат и, народски кажано, да ја брукаат Република Македонија. Ова се ликовите кои што 30 години се канцер на македонското општество. Фрчкоски никогаш нема да биде амбасадор на Република Македонија во Обединетите нации туку ќе ја има титулата срам на Република Македонија во Обединетите нации“, рече на крајот портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.