Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, се обрати на основањето на Б40 мрежата на градови од Балканот (B40 Balkan cities network) во рамки на самитот кој денеска и утре се одржува во Истанбул, Турција.
На самитот учествуваат 24 градоначалници од 11 држави, кои денеска разговараа за неколку клучни прашања што ги засегаат градовите од Балканот – како дигитална трансформација, урбана демократија и економска соработка. Станува збор за основање на Б40 Мрежата на градови од Балканот која ќе го отвори патот за соработка меѓу градовите и размена на позитивни искуства за решавање на урбаните проблеми.
– Имаме вистинска можност да се обединиме околу една важна иницијатива, иницијатива на 40 градови која го обедини целиот Балкан. Денеска, во Истанбул, ја имаме можноста да разговараме за тоа колку нашите градови се различни, но има и нешта што не поврзуваат како посветеноста на зелената транзиција, дигиталната трансформација, инклузивни градови во кои сите ние сакаме да им овозможиме активно учество на нашите граѓани во градењето на политиките. Но, пред сè, економската соработка меѓу нашите градови е она што треба да не обедини, да им овозможиме на нашите граѓани да живеат во поубав град. Тоа треба да биде таргетот на нашата идна соработка, рече денеска градоначалничката Арсовска.
Таа додаде дека станува збор за важна иницијатива која првпат ги обединува балканските градови на една уникатна платформа.
– Верувам дека со оваа иницијатива ќе успееме да покажеме дека можеме да соработуваме, дека можеме да си помагаме и дека можеме да овозможиме раст и развој за нашите градови и за нашите граѓани. Одовде, од Истанбул, да почнеме да градиме мостови на пријателство, соработка и солидарност и да покажеме дека можеме да бидеме успешни доколку овие иницијативи ги реализираме заедно, нагласи Арсовска.
Според домаќинот на самитот, градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, 24 локални самоуправи од Балканот од денеска создаваат нова основа за соработка и развој на нова визија за иднината на градовите и целиот регион.
– Со децении, зборовите „Балкан“ или „балканизација“, во меѓународната литература се користат за да се опишат етнички поделби, гранични спорови и конфликти. Сепак, денеска сме тука за да отвориме нова страница за нашиот регион. Се сретнавме за заедно да изградиме посилна соработка и подобра иднина за сите. Верувам дека мрежата Б40 што ја започнавме денеска ќе биде и мрежа на мир и на демократија меѓу балканските градови. Плурализмот, родовата еднаквост, правдата и владеењето на правото се исто толку важни и неопходни за локалните самоуправи како што се и за земјите, нагласи Имамоглу, во своето обраќање пред присутните на самитот.
Градоначалниците учесници на самитот се обврзаа на соработка и креирање политики за унапредување на градовите и на Балканот, во согласност со Европската визија.
Во рамките на самитот, во текот на утрешниот ден градоначалничката Арсовска ќе оствари билатерални средби со градоначалниците од градовите во регионот.