Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска учествува на платформата за размена на искуства и најдобри практики во локалната самоуправа во Женева во Швајцарија, на покана на Форумот на градоначалници на Обединети Нации.

Како што соопштија од Град Скопје, Арсовска е учесник на два панели и тоа за родова перспектива на предизвиците и визиите за градовите на кој се дискутираше за жените во локалната власт и инклузивноста, со градоначалнички од Велика Британија, Турција, Црна Гора и Шведска, а се разговараше и за искуства со родово базираното насилство, пристапот до образованието и здравствената заштита и одржливото урбано планирање.

Во вториот панел посветен на обнова насочена кон одржливи и отпорни урбани средини, се разменија искуства за проекти за отпорност на градовите и проекти за подобра и почиста животна средина, на која учествуваа градоначалници од Франција, Шведска и Украина.