Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и претставниците на урбани и рурални месни заедници од Општина Кисела Вода, денеска одржаа координативен состанок. Пред претставниците на секторите од градот и јавните претпријатија се презентираа и се разговараше за предизвиците во општина Кисела вода и понатамошни активности за нивно решавање.
Тимовите составени од секторски претставници од Град Скопје, како и од јавните претпријатија кои се под надлежност на Градот, веќе ги започнаа теренските активности за целосна проценка на состојбата со заборавените населби во Општина Кисела Вода, која ја сочинуваат 15 месни и урбани заедници, од кои девет урбани и шест рурални населени места. Континуирано се спроведуваат средби со граѓани, се врши проценка на затекнатата состојба и се работи на изготвување на акциски план со проекти кои Градот ќе ги имплементира во овие заборавени населби.
Градот Скопје заедно со теренските тимови изготвија извештај на детектирани проблеми за решавање по урбаните и месни заедници на територија на општина Кисела Вода, според кој најголем дел од проблемите се однесуваат на решавање на инфраструктурни проблеми, реконструкција и асфалтирање на улици, поставување на нови автобуски постројки и воведување на дополнителни линии за автобуско обраќање, изградба на дополнителна мрежа за водовод и изградба на атмосферска канализација во одредени населени места, како и одржување на зеленилото и поставување на канти за отпад и контејнери во повеќе урбани и рурални места во Општина Кисела Вода.
Скопје и скопјани заслужуваат еднаков третман и посветеност во работењето на градската администрација и јавните претпријатија. Во Скопје повеќе нема да има заборавени населби, а Град Скопје ќе започне со имплементација на проекти во секое населено место, со што ќе се овозможи брз и рамномерен раст и развој за сите општини и населени места во нив подеднакво.