Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска објави информација и сателитски фотографии за 50 нови дивоградби во Чаир на својот Facebook профил. Таа го повика градоначалникот на Чаир Висар Ганиу да ги преброи, за да види самиот како ќе стигне до наведената бројка. Арсовска ги обвини Ганиу, МВР и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција дека не ги гледаат небезбедните дивоградби.

„Вики, нели во Чаир немало темели за 50 нови дивоградби? Ајде брои ги, да видиш колку брзо ќе стигнеме до 50. Плаќајте сите даноци и скенирајте фискални. Сите вие ќе ги видите новите 50 небезбедни дивоградби, што СЕ ГРАДАТ СЕГА, само Висар Ганиу, МВР и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција НЕ ГИ ГЛЕДААТ“, напиша градоначалничката Арсовска на социјалната мрежа Facebook.

„Нека му пренесе некој на Висар Ганиу дека ни ова не му е оставено во наследство од баба му, бидејќи тврдеше дивоградбите ги наследил, а овде СЕГА СЕ ГРАДИ. 50 нови згради во моментов и никој не реагира!Немаат дозволи, немаат проекти, крадат вода, крадат струја.Вие плаќајте даноци и скенирајте фискални.Вработените во администрацијата на град Скопје и јас како градоначалник, кога имаме информација или пријава дека се оштетува буџетот за градот и кога сме сведоци на докази за фалсификувани службени документи, согласно закон сме обврзани истото да го пријавиме, во спротивно со молк стануваме соучесници во криминалот со незаконските легализации“, вели во своја објава на Facebook Арсовска.