Поради зголемен број на реакции на граѓани кои пристигнувале до отворената канцеларија на Градот, Град Скопје во соработка со Јавното претпријатие Улици и патишта спроведе акција за нивелирање на шахтите низ булеварите и на коловозите во надлежност на Градот.
-Досега во првите 82 дена се нивелирани 62 шахти, со цел за подобро одвивање на сообраќајот во Скопје, како и намалување на оштетувањата на возилата на кои алармираат граѓаните, затоа што во минатото не биле соодветно поставени шахтите по должината на коловозите. Оваа активност продолжува, при што редовна пракса ќе биде повеќе да нема неквалитетно изведени шахти на коловози при градба или реконструкција. Нивелирањето на шахтите беше прашање на потсмев од страна на опозицијата, но тоа е моја гордост а треба да биде нивен срам што за пет години не нивелираа ниту една шахта, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во отчетот за сработеното во првите 82 дена од мандатот.
Таа вели дека во првите 82 дена, направила повеќе од она што го ветила.
Формирањето на Градски Еко Совет, предлог Закон за прогласување на Водно за заштитена парк шума, 24-часовна телефонска линија за комуникација со градската администрација, поевтин паркинг за скопјани, поставувањето на бројчаници на семафорите и пристапност на лицата со попреченост до сите градски институции, се само дел од активностите кои, како што изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција, се реализирани за првите 82 дена од нејзното раководење со градот.
Таа посочи дека се исчистени и над 150 диви депонии во Градот, од кои над 120 мапирани за време на изборната кампања. Арсовска истакна дека се воведени редовни ноќни линии на автобускиот превоз, особено за време на викендот, а покрај активирањето на ноќните линии, овозможени се нови линии до населени места на периферијата на градот.
Градоначалничката Арсовска истакна дека е реализирано и ветувањето за поевтин паркинг за скопјани, како и поставувањето на бројчаници на семафорите, со што поставени се бројчаници на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ на семафорите на крстосниците со „Натанаил Кучевишки“, „Боца Иванова“ и „Босна и Херцеговина“. Покрај поставувањето на бројчаниците, реализирано е и ветувањето за враќањето на зелениот бран на делниците во надлежност на Град Скопје.
Арсовска истакна дека по две години повторно е во функција жичницата до врвот на Водно, а во насока на олеснување на сообраќајот во оптек се пуштени и трите автобуски линии до Средно Водно и тоа 25, 25А и 25Б.
– Од моментот на почнување со работа на жичницата за само 1 месец ја имаат користено повеќе од 25 илјади посетители и ова е факт кој сам по себе говори за важноста на реактивирањето на жичницата, додаде Арсовска.
Во првите 82 дена од мандатот, рече Арсовска, исполнето е ветувањето за пристапност на лицата со попреченост до сите градски институции.