Жестоки обвинувања, расправии и навреди можеа да се слушнат на денешната седница на Град Скопје со што кулминираа расправиите меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Порачувајќи дека Христијан Мицкоски „никогаш нема да излезе од тендер матрицата“ и дека ги фатила „неговите директорчиња со рачињата во мед“, таа го повика лидерот на опозицијата да не се крие и да не се заканува.

„Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот сега од еднаш не чинам. На сите тие прашања ќе си дојдат одговорите. Но, јас како што гледаш, не ми трепери гласот, и не ми се тресат рачињата кога ви се обраќам. За тој спорен тендер има кој да си одговори зошто не постапувал како треба. Јас ќе си продолжам по патот на правдата како што беше и до сега, како што и до вчера за вас бев најдобар градоначалник. Ама Мицкоски од тендер матрицата нема никогаш да излезе. Тоа верувам на сите тука ви е јасно. Како што ви е јасно зошто од денеска не чинам, а до вчера бев супер“, рече Арсовска, обраќајќи му се на Луке Галески од ВМРО-ДПМНЕ, кој и постави неколку прашања.

Арсовска воедно порача:

– Ако зборувате за оставка, треба Мицкоски да ја даде. Немој да се закануваш Мицкоски, немој да се криеш, дојди тука кажи ми што имаш! – извика градоначалничката од говорницата.