Првиот зелен мега парк предвиден со програмата на Град Скопје ќе се отпочне како проект во општина Ѓорче Петров.
Мега паркот ќе се протега на просторот каде постоеше долгодишната дива депонија, која во изминатиот период е целосно расчистен во соработка со општината Ѓорче Петров.
„Почнуваме со проекти како што е мега паркот во Ѓорче Петров со кој ќе се зголеми зеленилото во градот Скопје. Тој е на потег каде постоеше огромна дива депонија од над 10 илјади м2 која што беше истакнувана како проблем на жителите од градот долги години. Заедно во соработка со градоначалникот на општина Ѓорче Петров успеавме да ја исчистиме, а сега сме во процес, за на тој потег да има еден навистина прекрасен голем мега парк со дополнителни содржини нешто по урнекот сега што го гледаме во градскиот парк. Ќе биде место кое ќе биде, центарот на движење со содржини за релаксација на граѓаните од тој дел на градот“, истакна Арсовска во емисијата „Заспиј ако можеш“.
Мега паркот во Ѓорче Петров е дел од проектот од предизборната програма на градоначалничката Арсовска за уредување „5 нови мега паркови во Скопје“. Овие паркови ќе придонесат за значително зголемување на градското зеленило, а скопјани добиваат нови зелени површини за релаксација.