Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска е учесник на Самитот COP28, кој се одржува во Обединетите Арапски Емирати, а во чии рамки светските лидери се состануваат за градење политики за климатските промени. Арсовска е дел од групата градоначалници, кои се учесници на грантовата програма на COP28 Локалниот самит за климатски активности, каде Град Скопје е претставен со успехот и отворањето на првата јавна биотехнолошка лабораторија во Македонија и регионот, која годинава Град Скопје со поддршка на УНДП и УНИЦЕФ ја отвори во средното училиште на Град Скопје „Марија Кири Склодовска“.

-Првата градска био лабораторија во Скопје, ја користат средношколците и студентите, професорите и претприемачите, сите кои имаат желба да се занимаваат со наука и сакаат да допринесат во општеството. Со оваа био лабораторија младите од скопските средни училишта отпочнуваат со процеси кои водат кон рециклирање и реупотреба на биоотпадот, ги развиваат своите потенцијали за креирање иновации, стои во соопштението на Град Скопје.

Оттаму нагласуваат дека со отворањето на првата биотехнолошка лабораторија од страна на Град Скопје, УНДП и УНИЦЕФ, се формира Национална иницијатива за трансформација на биоотпад, био-хакирање и биотехнологии која поттикнува иновации, и инспирира ангажман и активности кај младите луѓе за изнаоѓање решенија за заштита на животната средина.

Во рамки на Самитот COP28 се одржува Локалниот самит за климатски активности на кој учествуваат градоначалници и гувернери, препознаени за клучната улога во справувањето со климатските влијанија.