Во еден од урбаните делови од Карпош, каде што досега се закопуваше нелегален отпад треба да никне нов парк, затоа што наместо да расте бројот на диви депонии, јас се обврзувам на нивно итно чистење и на што е можно повеќе зелени површини, изјави независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска за време на посетата на општина Карпош.
На средбата со карпошани, од населбите Карпош 4, Карпош 1 и Жданец, Арсовска понуди отвореност, транспарентност и заедничка соработка при надминување на проблемите со кои што се соочува општината. Главен предизвик за овие жители е справувањето со урбаната мафија која се повеќе го зема својот замав со појава на згради на секое ќоше, а потребно е и итно изнаоѓање на соодветни паркинг решенија.
– На неконтролираното градење ќе му дојде крајот со изработката на детални урбанистички решенија креирани во соработка со експерти. Сообраќајниот хаос ќе се реши со достапен и ефикасен јавен превоз и брзи сообраќајници што ќе ги поврзуваат сите населби. Кејот на Вардар од двете страни ќе добие комплетно уредување и нов, современ изглед, а ќе бидат поставени и спортски содржини – патеки за трчање и за велосипеди. Затворените врати на општинските служби ќе бидат минато, затоа што предвидувам отворање канцеларија што ќе биде во служба на граѓаните, 24/7 за итни интервенции и постојано ќе излага пресрет на нивните барања поврзани со градот. Граѓаните имаат прво да одлучат за тоа каква ќе биде нивната иднина и затоа нивниот глас мора да биде најизразен во работењето на секоја општина, посочи Арсовска.
За жителите од Жданец, како што рече ќе се овозможи квалитетно водоснабдување, преку поврзување на втора јужна висока зона од Жданец во Карпош.
– Не само во Жданец, на ниво на цела општина ќе има подобрување на инфраструктурата, ќе се замени фекалната канализација и ќе се започне со асфалтирање. Овие проблеми од моја страна се детектирани од претходно и веќе имам издржан план и реални проекти со кои што ќе ги надминеме овие недостатоци уште во првите денови од мојот мандат, рече Арсовска.