Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска во Брисел копретседава со Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и ЕУ Комитетот на регионите, заедно со Јасна Габриќ од Словенија, информираат од Одделението за односи со јавност при Град Скопје.

– Во политиката за проширување на ЕУ, Европскиот комитет на региони има улога директно во рамките на договорите за стабилизација и асоцијација, од каде е назначен Заедничкиот консултативен комитет (ЗКК). Според тоа, Европскиот комитет на региони има законска должност да ја претставува ЕУ во долгорочна мисија да им помогне на земјите – партнери да се подготват за членство во ЕУ. Локалните власти треба да бидат целосно подготвени за пристапниот процес, бидејќи над 70 проценти од законодавството на ЕУ, ќе има влијание токму врз нив, се наведува во пишаната изјава на Арсовска, што ја споделува нејзината прес-служба.

Делегатите и експертите на состанокот дискутирале за активностите и состојбите околу пристапниот процес на државава кон Европска Унија, како и за неопходните вештини на македонските општини и размената на најдобри практики.

Заедничкиот консултативен комитет на Европскиот комитет на региони се состанува двапати годишно, еднаш во Брисел за време на годишниот Ден на проширувањето и еднаш во земјата партнер. За да се прослави 2023 година како Европска година на вештини, заедничкиот комитет на Денот на проширувањето е посветен на оваа тема и е организиран во соработка со шведското претседателство со Советот на ЕУ.