Големи се придобивките од транзиција кон енергетски ефикасни објекти, а проектите на кои работиме, е нешто за кое Градот одлучно се залага да го оствари, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на денешната дебата на која се презентираше потребата од проекти за енергетска ефикасност и поставување на фотоволтаични системи на објектите под надлежност на Градот Скопје.

–  Отпочнуваме со објектите кои се под надлежност на Градот Скопје, за коишто ќе преземеме и поголеми активности во насока на зголемување на нивната енергетска ефикасност, кои ќе можат воедно со енергетски сертификат да го потврдат својот капацитет за воспоставување на системи од обновливи извори на енергија, нагласи Арсовска.

Градоначалничката посочи дека ваквите проекти кон кои се стреми Градот да ги реализира во поголем обем имаат позитивно  влијание врз животната средина и овозможуваат нејзината заштита.

На денешната јавна дебата на која учествуваа експерти и заинтересирани граѓани, беше констатирано дека со ваквите проекти не само што ќе се заштити животната средина, туку ќе се направат заштеди кои во состојба на криза особено енергетска криза, се добредојдени, затоа што на долг рок директно се штедат буџетските средства кои можат да бидат употребени за инвестиции во нови иновативни системи од обновливи извори на енергија, соопштија од Град Скопје.