Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, повторно се огласи преку социјалните мрежи.
„Ќе застане ли некој на патот на криминалците Мицкоски и ВЛЕН?
Не само што не постапуваат по пријавените неправилности и очигледниот криминал кој се случува во општина Чаир, поткрепен со докази и аргументи, тие продолжуваат да се заштитуваат меѓусебе и да се закануваат со некаква „дестабилизација“.
Апелирам и до институциите кои би требало да се против насилие врз жените, меѓународните организации во Македонија, до амбасадите и до сите останати граѓански организации кои се занимаваат со борба против корупцијата, но и со дискриминацијата и шовинизмот.
Христијан Мицкоски денес во недостаток на одговор за сомнежите на неговите бизнис партнери од Чаир почнаа да ме девалвираат со разноразни мизогени и шовинистички придавки и навреди.
Да го потсетам Мицкоски, немирот кој го видел во мене е кога секој ден цела година седеше со мене на маса и коваше планови за криминал во Град Скопје.
Политичката дезориентација која ја забележал кај мене е кога секој ден седејќи си мене во разговорите еден ден ми се презентираше како чесен професор, а други ден како мафијаш.
Ќе застане ли некој на патот на овие криминалци, на патот на овие шовинисти? Има ли меѓународен фактор во земјава, има ли невладини организации за заштита на жените од напади, дискриминација и шовинизам?“, напиша Арсовска на Фејсбук.
Ова следи откако на новинарско прашање како ги коментира изјавите на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, и вицепремиерот Изет Меџити – дека градоначалничката Арсовска „се користи како инструмент од ДУИ за дестабилизација пред локалните избори“, премиерот Мицкоски одговори дека „има вистина во тоа“.
По ваквата изјава на премиерот, градоначалничката Арсовска реагираше преку статус на Фејсбук.
„Лавот” Мицкоски не смее да писне против Ганиу и Меџити. Не смее на криво да ги погледне, не пак да бара одговорност за криминал. Лав? Маче. На 150 констатирани дивоградби, поткрепени со целосна документација, со снимки од лице место, ти не смееш да писнеш. Сила покажување на жена, наместо кај криминалци. Што значи тоа “ќе видиш ти”? Што ќе видам, ќе ги реализирате заканите или ќе пак ќе фалсификувате и ќе фабрикувате лаги за да ме девалвирате. Што и да направиш сите ќе знаат дека е од тебе и дека е во функција на заштита на криминалот на ВЛЕН, Изет Меџити и Висар Ганиу! И престанете со приказната за “дестабилизација”, никој не верува на тоа. Ви се дестабилизира сѐ на вас кога немате одговор за криминалот. Кога ќе ве фатат со рачињата во медот. Тогаш е дестабилизација. Мицкоски, кога мафташе со наводниот фалсификат за “Пулс” за 15 минути постапи МВР. Две недели презентирам документи за флагрантен криминал, а полицијата не смее да прими пријава од мене. Ми спуштаат на 192 кога ќе се претставам кој се јавува.Срам сте вие, не гордост“, напиша Арсовска.
На статусот преку соопштение реагираа од владејчката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога Данела Арсовска ќе го нападне Христијан Мицкоски, тоа е по нарачка на СДС и Али Ахмети. Додека таа лае по Мицкоски, нејзините вистински газди – градоначалникот на Сарај и раководството на ДУИ – си ја завршуваат работата во тишина.
Данела Арсовска е главниот инструмент на ДУИ во борбата против ВМРО-ДПМНЕ. Таа е уценета и врзана – со морков и со стап. Преку бизнис интереси, преку лични слабости, преку емотивни врски и релации, ДУИ ја држи целосно под контрола. Секој што имал средба со неа гледа дека нешто не е во ред, дека жената има внатрешен немир, лична конфузија и политичка дезориентација. Арсовска одамна не одлучува сама – таа е само гласноговорник на интересите на СДС и на Ахмети, а неволно или свесно, соработник на криминалот кој го притиска Скопје.
Додека таа, со залутан и празен поглед – веројатно резултат на емоции и нарачки темелени врз уцени и лични слабости – напаѓа и скока во јавноста барајќи внимание кое, наместо да го добива за проекти и резултати, го бара секогаш кога сме пред избори, и тоа преку дрски и невоспитани напади кон ВМРО-ДПМНЕ, без да изусти збор за ДУИ и СДС, можеме само да констатираме дека ваквиот недоличен однос зборува најмногу за неа – и за друштвото со кое редовно се среќава по скопски Сарај и со кое сè почесто патува. Жалиме за тоа што ѝ се случува, и ќе издржиме уште неколку месеци сите ние како граѓани во овој политички театар што ни го приредува. А потоа, кога ќе ѝ заврши „употребната вредност“ за оние што сега ја командуваат, само ќе ѝ посакаме среќа во емотивните разрешници.
Штета е што во овие 3,5 години, жената се разбудила од емоционалната сенка само трипати. И секој пат – пред избори. И секој пат – против ВМРО.
Жално е, но уште пожално е изгубеното време за Скопје и за Македонија. Време кое ќе го надокнадиме по локалните избори – со нова енергија, со силни реформи, со проекти што се гледаат и со работа што ќе се почувствува. Скопје ќе добие шанса за нов почеток, откако ќе си замине срамот што денес го претставува.
Нејзините лажни пријави не можат да ја сокријат вистината, дека со нејзин потпис се вршеа милионски криминали, дека се потпишуваа договори со сомнителни фирми, дека се спроведуваше политичка одмазда врз вработените, а улиците на главниот град беа претворени во дупки и руини“, напишаа од ВМРО-ДПМНЕ.