Акцијата за чистење диви депонии, проектот за воведување БРТ превоз и финансиската состојба на Градот Скопје и на јавните градски претпријатија беа главните теми на кои градоначалничката Данела Арсовска разговараше со претставниците на медиумите, на денешниот брифинг.

Арсовска најави дека се работи на реорганизација на ЈСП и дека за две години целосно ќе се реализира проектот за бесплатен јавен превоз за граѓаните.

-Се работи на програмата што ја имавме зацртано, односно се преземаат првите чекори од етапното воведување бесплатен автобуски превоз. Ревизијата во ЈСП Скопје е започната, се детектираат сите слабости во работењето на ова претпријатие. Како што знаете, ова претпријатие е тежок загубар, а целта на новото раководство е да овозможи претпријатието да работи со оптимално намалување на трошоците, зголемување на приходите и овозможување непречено функционирање со сето она што може да се направи во следниот период. Најпрвин, претпријатието да излезе од долговите, второ – да се овозможи да се воведе бесплатен превоз, првично на оние категории на кои што им беше ускратено ова право и трето – изнаоѓање начини за детектирање на финансиски средства преку донатори за набавка на прва транша на автобуси, а понатаму ќе видиме како ќе биде финансирањето – рече денеска градоначалничката Арсовска.