Градоначалничката Данела Арсовска бара од Владата дополнителни пари за реконструкцијата на Универзална сала, објави порталот „Сакам да кажам“.

Град Скопје за проектот за реновирањето на надворешноста и покривот на концертната сала лани, за време на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, од Владата доби 120 милиони денари односно околу 1.9 милиони евра.

Како што објави овој портал, по доаѓањето на функцијата на Арсовска градежните работи беа стопирани оти, како што кажа, проектот не бил безбеден и затоа мора да се прави нов. Од нејзиниот кабинет сега велат дека е извршена измена на првичниот договор и затоа се потребни плус пари.

„Поради проблеми со статиката и одредени аномалии на претходниот проект во текот на изминатиот период, беа извршени промени на основниот проект во консултација и констатирани со Градежен факултет и со самиот проектант.  До Град Скопје има стигнато ново техничко решение од страна на проектантот врз основа на кое неопходно е да се изврши измена на првичниот договор за кој што Град Скопје има поднесено допис до Влада“, велат од Град Скопје не наведувајќи колку плус пари се потреби за да почне изградбата на концертната сала.

Од Владата велат дека е добиено барање од Град Скопје кое е испратено на мислење до соодветни владини институции.

„Откако ќе го добиеме нивното мислење ќе биде донесена одлука и за истата ќе се извести подносителот на барањето“, велат од Владата.