Пожарот во атарот на кочанските планински села Костин Дол и Ново Село сè уште не изгаснат, но веќе се става под контрола со поддршка од армиските хеликоптери.
Огнената стихија зафати површина од неколку десетици хектари со дабова и букова шума и нискостеблеста вегетација, а во гаснењето се ангажирани над стотина лица.
Во локализирањето на огнот се вклучени 80 армиски припадници и дваесетина пожарникари, како и вработени во Дирекцијата за заштита и спасување и во јавното претпријатие „Национални шуми“, а помага и месно население. Ангажирани се и армиски хеликоптери кои значително помогнаа огнот да се стави под контрола од три страни, а останува да се локализираат пламените јазици од северната страна. Ако временските услови бидат поволни, без силен ветер, очекувам до крајот на денот пожарот целосно да го исконтролираме и да биде, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица – Кочани.
Екипи од ТППЕ и понатаму се дежурни на опожарениот терен околу Кочани и кон селата Бели и Нивичани и ги контролираат местата каде што сè уште има чадење, за да се избегне евентуално ново разгорување поради ветерот.