Премиерот на германската покраина Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет, е избран за нов лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на онлајн-конгресот што се одржуваше вчера и денеска. Лашет го победи во вториот круг Фридрих Мерц освојувајќи 521 глас. Мерц доби 466 гласови. Претходно во првиот круг во водство беше корпоративниот адвокат Мерц, кој освои 385 гласови; зад него беше Лашет со 380, додека трет беше Норберт Ретген (претседател на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот) со 224.
Победата на Лашет значи продолжување на прагматичната политика на партијата за време на Ангела Меркел. Оваа силна победа го става Лашет (поранешен европратеник и франкофон) во голема предност да биде кандидат за канцелар на конзервативниот блок. Одлуката за ова треба да се донесе во март. Анкетите велат дека најголемиот дел од конзервативните гласачи сакаат Маркус Зодер, премиер на Баварија, да биде следен канцелар.
Лашет се појави како очигледен кандидат за континуитет, откако штитеничката на Меркел, Анегрет Крамп-Каренбауер, ја објави својата оставка од претседателската функција во ЦДУ во февруари 2020 година, која се бореше да го наметне својот авторитет по бунтот на партијата на истокот. Но, додека Лашет ужива високи оценки за работата во најнаселената германска држава и премолчена поддршка во седиштето на партијата, тој се бори да ги отстрани сомнежите за неговата подготвеност за националната и за меѓународната сцена. Алармите за некои се вклучија на минатогодишната конференција за безбедност во Минхен, кога Лашет инсистираше да зборува на германски на дебатата на панелот на англиски јазик за иднината на ЕУ. Управувањето со пандемијата на 59-годишниот Лашет во Северна Рајна Вестфалија ги зголеми ваквите грижи поради „лежерниот Лашет“ привлекувајќи повеќе критики за неговото раководење отколку лидерите на држави со посериозни избувнувања на болеста.
Преземено од nezavisen.mk