Северна Македонија предвидува дека до 2032 година ќе потроши најмалку 900 милиони евра за модернизација на Армијата. Предвидено е да го замениме старото оружје од советско и југословенско производство со ново и софистицирано западно оружје. Сумата не е фиксна, но е проценка на трошоците во наредните години, рече неодамна министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Третина од буџетот за одбрана на Северна Македонија, кој годинава изнесува рекордни 275 милиони евра, сега е наменет за модернизација. Но, значителен дел од големите набавки нема да се реализираат со буџетски пари, туку со помош на НАТО сојузниците, при што САД се најголем финансиер со над 135 милиони долари веќе одобрени за земјава во текот на претходната година.

За тоа дали се потребни толку високи финансиски средства за вложување во Армијата, универзитетскиот професор и доктор по науки од областа на безбедноста, Методи Хаџи-Јанев во разговор за „Локално“ дека тоа воопшто не е многу, потенцирајќи дека мирот е скапа работа.

Проф. Методи Хаџи-Јанев

-Следно, мис-концепциите кои ги генерираа дел од политичките лидери во изминатите години, особено неколку години пред членството, дека со влегувањето во НАТО ќе имаме условно, „Ханимун“ и дека само НАТО ќе нé брани, а ние ќе уживаме се неточни и претпоставувам беа дел од целата политичка кампања да се поддржи жртвата која требаше да ја дадеме. Без да навлегуваме во оценка на оправданоста за таквите пристапи, едноставно ќе подвлечам дека за жал тоа е цената која сега ќе треба да ја платат сегашните лидери и да објаснат како тоа несреќно се злоупотребува за анти-НАТО кампањи и како во услови на светска криза од поинакви размери ќе треба да се соопшти на јавноста вистината за членството во НАТО, која морам да подвлечам е генерално позитивна и тука за мене нема дилема, објаснува Хаџи Јанев.

За да нештата станат појасни, вели тој, ако не сме членка на НАТО, цената која ќе мораме да ја издвоиме за да ги подигнеме одбранбените капацитети ќе бидат неколкукратно поголеми.

-НАТО оттука е генерално добро кое можеше да ни се случи во овие околности. Е сега доаѓаме до причините заради кои се вложува во одбраната, а тие се дел наша вина, но дел се резултат на геополитичките земјотреси кои се случуваат на светската сцена. Наша вина е што 30 години речиси ги преспавме и не вложувавме ништо во одбраната. Само колку за илустрација речиси во сите тие 30 години најголемиот дел од средствата одеа за плати на вработените. Не сакајќи станавме отпад за донации (дел беа солидни дел беа така-така, а дел речиси и да не знаевме зошто ги прифаќавме или беа таква „утка“, што после моравме да ги уништуваме, па се сеќавате имаше и судски процеси за тоа). Тоа само по себе ви говори дека сите 30 години сме останале без стратешки курс, особено околу тоа што сакаме со одбраната, каде сакаме да се движиме и како тоа треба да го сториме. Само како за илустрација, во сите тие години од незнаење или од некој други причини, ја загубивме сржта заради која се користи армијата, па наместо уставната обврска, одбрана на државата, армијата стана институција за решавање на кризи. Земете го дури и последниот стратешки одбранбен преглед (иако тој за разлика од сите документи пред него е поостар во речникот), во него заради политичка коректност или не знам од кои причини, како да се срамиме да кажеме дека армијата треба да води бој и да изведува борбени операции, како примарна цел. Тоа е мошне битно, бидејќи едно е да зборувате за кирза друго е да зборувате за одбрана и водење на воени операции, посочува Хаџи-Јанев.

Според него, справувањето со криза подразбира мобилизација на еден вид на ресурси и капацитети кои треба да ги развиете, а водењето на операции сосема друг.

-Следно промашување во целата таа приказна е и тоа што пак ќе кажам заради насоките кои ги давале политичките лидери во изминатите 30 години, домашната задача не ја напишавме како треба, па создадовме претстава дека ќе водиме само експедициски операции, кои се надвор од територијата на државата. Да не се разбереме погрешно. Овие операции се дел од спектарот на операции кои се неопходни за да имате современ пристап кон одбраната, ама не се сé. Впрочем погледнете го добро Договорот на НАТО, посебно членот 3, на кој Столтенберг, а ми се чини и Расмунсен пред него, инсистираа дека, пред членот 5 е членот 3. Во превод тоа значи дека вие треба да развиете капацитети со кои сами прво ќе можете да се одбраните, па потоа да чекате заедничкиот штит да дејствува. Само како за илустрација, покрај останатите параметри (процена на закани, економски капацитети и сл.), НАТО ги испорачува и целите на способности. Со други зборови, од тоа што го имате со колку ќе ви биде доволно за да се одбраните, па потоа што е тоа што треба да го дадете за колективниот дел (бидејќи НАТО нема сили). Наивно е да помислите дека тогаш НАТО нема да ни треба ако сами треба да се браниме. Наивно, бидејќи концептот на паметна одбрана ви овозможува, ако мудро и во склад со либералниот концепт на содејство и коегзистенција со партнерите планирате дел од „ултра-скапите играчки“ можете да ги имате за многу помалку. Дополнителниот бенефит е ако сте паметни па си ја валоризирате, наместо да ја „распрчкате“ наменската индустрија, со која некои држави сега си прават супер профит, укажува професорот.

Истакнува дека ситуацијата која се случува на геостратешки план како да не подразбуди од сонот во кој западнавме 30 години.

-Сега да бидеме коректни, ако ја следите целата ситуација, цела Европа го има тој проблем. Работите и влоговите се толку големи што дури една Британија, барем според нивниот министер за одбрана, може да си дозволи да војува само еден месец со темпо и динамика на борбениот ритам како во Украина. Тоа нé води до втората причина заради која е неопходно зголемувањето на буџетот или геостратешките причини. Тука работите не зависат воопшто од нас. Ревизионизмот и обидот за поставување на нови правила на игра имаат потенцијал да го воведат светот во апокалиптично сценарио, кое никој не го посакува и не дај боже да ни се случи. Но, трезвено, работите не се добри. Не е ова застрашување, и можеби нема ништо да се случи. Но, едно е сигурно, живееме во време во кое најтешко се предвидува како може да се развиваат ситуациите. Современите технологии, отвореноста, алчноста, конзумизмот и голем број на други фактори влијаат опасностите и заканите од нула до максимум да ескалираат многу бргу, ни вели соговорникот.

На прашањето дали со одлуките за испраќање воена помош на Украина, се нарушува борбената готовност на Армијата, Хаџи-Јанев нагласува дека без да им даваме политички контекст за внатрешни поткусурувања, донацијата е паметен потег.

-Ресурсот за кој зборувате станува логистички кошмар за одржување, и за ова говорев неколку пати на оваа тема. Како поткрепа на мојата теза земете го потегот кој го прават сите НАТО членки кои имаат ваков арсенал, ќе видите дека не штрчиме тука. Е сега, прашање е како ќе го надополните овој капацитет. Бидејќи едно е да го имате и тој да е скап за одржување, друго е воопшто да го немате-ако тоа се аргументите за борбената готовност. Оттука, прашањето кое можеби треба да се постави е како се планира овој капацитет да биде заменет. Од МО соопштија дека имаат решение за тоа и дека е планирано да се надополни тој капацитет, што е добро и вистински потег. Анализите треба да се фокусираат на тоа. Суштината на анализата според мене е квалитетот на тоа што треба да се набави, неговата оперативна вредност која е збир од повеќе параметри. Цената е еден од тие секако, ама многу битни параметри на пример се, и начинот на одржување и одржливоста на тој концепт-значи дали и кој ќе го прави тоа и колку тоа ќе ве чини; Понатаму, дали тој ресурс доктринарно ви се вклопува со останатите ресурси кои ги имате-значи според концептот за кој сте ја замислиле целата одбрана на државата: Како и колку можете да ги надградите тие платформи и дали можете да ги поврзете со останатите системи, па од тоа да креирате систем од системи, со кои ќе постигнете мултиплицирање на капацитетот-значи за парите кои сте ги платиле да добиете повеќе, вели Хаџи-Јанев.

Професорот додава дека еден пример е повеќенаменска употреба на тие средства-дали истите ќе се синхронизираат на пример со останатите сегменти од одбраната (тука не е само армијата, овде се МВР, ЦУК, ДЗС и сл.).

-Многу битен елемент е со каква опрема ќе се замени тој капацитет. На пример дел од овие хеликоптери имаа надградба која не беше ефитна за ноќно летање. Ако купите само летало, а не платформа, во која се вклучени средства за комуникација, детекција, анализа, борбено дејство, тогаш сте купиле скапи превозни средства. Ова го споменувам бидејќи имаме историја за тоа-можете да го проверите. И да не се лажеме, мудроста во набавката на овие капацитети, не смее да го изостави параметарот на политичко влијание кое го увезувате со капацитетот. Да заклучам, било какви дискусии без да се разберат само дел од овие критериуми (а има уште доста) и услови е не сериозен, заклучува Хаџи-Јанев.

Превземено од локално.мк