Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија за нов претседател на Туристичко-угостителска комора го избра Аркан Керим, долгогодишен туристички работник, сопственик на туристичка агенција и на хотел и истакнат амбасадор на македонскиот туризам ширум светот.
Во своето излагање пред присутните на Собранието, Керим потенцираше дека неговите активности како претседател на Комората ќе бидат насочени кон развој и унапредување туристичкиот сектор, развој на нови трендови во угостителскиот сектор како и кон заштита на интересите на деловните субјекти од овој сектор.
– Ќе го вратиме сјајот на туристичко-угостителскиот сектор и ќе го презентираме туристичкото стопанство на сите светски етаблирани саеми. Во партнерски однос со институциите ќе се залагаме сите членови на ТУК да имаат пристап до ликвидни средства за раст на компаниите и за проширување на делокругот на активности. Туристичко-угостителската комора во наредниот период ќе ја реорганизираме во пет посебни сектори кои ќе функционираат во рамки на Комората, угостителство, транспорт, туристички агенции, хотелиерство и обука на кадри за туризмот, истакна Керим.
Како што информира Сојузот на стопански комори на Македонија, согласно поделбата од секој сектор ќе биде избран и по еден потпретседател на Туристичко-угостителската комора, со цел сите деловни субјекти од различни дејноста да имаат рамноправен пристап во одлучувањето. Керим најави и воспоставување на регионални претставници во повеќе градови од државата Скопје, Битола, Куманово, Крушево и Дојран, со што со активностите подеднакво ќе бидат реализирани во сите региони.