Петицијата на граѓаните против изградба на три кули на паркингот спроти хотелот Холидеј Ин не допира до инвеститорот. Комплексот ќе се гради, бидејќи според архитектите кои го проектираа целокупниот проект реакциите на граѓаните биле против како што велат големите згради, 60 катниците. Архитектите се на став дека јавноста е изманипулирана, јавува АлсатМ.
„Петицијата колку јас што знам петицијата гласи „Не за масовни бетонски блокови, или чудовишта“ а не за неградење, или стопирање на градба. Мислам дека јавноста треба да види дали била изманипулирана или не“, рече Јана Гугуловска, архитект на проектот.
„Сметаме дека оваа локација заслужува отворен архитектонски конкурс и максимално инклузивен процес во донесувањето на планот. Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 е последна поголема неизградена локација во центарот на градот. Таа е ултимативната шанса за Скопје која мора да се искористи во име на граѓаните, а не во интерес на инвеститорите“, се наведува меѓудругото во писмото упатено до премиерот Зоран Заев.
Во комплексот згради е предвидено да живеат над 1200 лица. Надлежните во моментов немаа информација колку ќе чини метар квадратен станбен или деловен простор. Во планот не е предвидена изградба на училишта и градинки, но со сигурност ќе има приватни во самиот комплекс, велат архитектите.
„Во секој од објектите ќе има градинка, затоа што домувањето е на едно повисоко ниво, значи не станува збор за едно социјално домување“, рече Мартин Пановски, архитект на проектот.
Инаку, на паркингот кај Холидеј Ин се предвидува изградба на три висококатници и тоа две по 22 односно 20 ката кои ќе бидат наменети за станбено живеење и една со деловни простории на 16 ката. Архитектите уверуваат дека ќе има паркинг плацеви за околу 1000 автомобили и зеленило над 20 отсто од целокупната површина каде ќе биде комплексот.