Во момент кога француските власти ги зголемуваат повиците за претпазливост кога се ближат празниците на крајот на годината, според информациите на БФМТВ, во саботата на 12 декември, на нелегална забава се собрале повеќе од стотина лица без маски, во најблиското соседство на резиденцијата на премиерот, јави дописникот на МИА.

Исто така, според БФМТВ, станот во кој одржала забавата се наоѓа на улицата Варен бр 55, односно зградата веднаш до Матињон. Забавата се одржала во затворен простор, со обезбедување и диџеј. Организирана на Инстаграм, за оваа вечер се плаќало по 100 евра по лице. Забавата била прекината со интервенција на полицијата. Уапсени се четири лица, вклучително и двајцата организатори на вечерта, како и две лица кои дејствувале како набавувачи.

За сопственикот на станот се вели дека е „Англичанец”, забележува БФМТВ, додавајќи дека тој е ретко во Париз и дека редовно го изнајмува својот имот за забави, што ги нервира неговите соседи, кои размислуваат за правни постапки.

Феноменот на тајни забави, за кој оваа последнава е пример, редовно се појавува во вестите веќе неколку недели. Без разлика дали станува збор за рев парти или незаконски забави во стан или на дискретно јавно место, овие настани остануваат забранети во сегашниот здравствен контекст. Властите ги следат на терен со цел да се ограничи ширењето на епидемијата. Стотици луѓе веќе се казнети откако учествуваа на овие забави.