Премиерот Димитар Ковачевски вчера од Љубојно, при посетата на каде започна активности за реконструкција и ревитализација на објектот на старото училиште „Димитар Влахов” и негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик, порача дека вратата за соработка е отворена за сите политички партии кои се за концептот за европска Северна Македонијa.

Тој го повтори ставот дека, според него, во државата има два концепти – едниот е концепт за европска иднина на земјата, односно продолжување на патот на преговори и зачленување на државата во ЕУ, а вториот, како што рече, е концептот на Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ – против ЕУ и НАТО.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи апелираше партиите да се издигнат над партиско-политичките калкулации за да продолжи единствениот процес што нуди перспектива за државата и долгорочна стабилност, мир, просперитет, добар животен стандард, владеење на правото и демократски институции, а тоа е продолжување на патот кон членство во ЕУ.

Нема друга алтернатива. Ако имаат нека ја изнесат, а ако нема, нека молчат и нека помогнат во овој процес, кој очигледно на граѓаните ќе им обезбеди просперитет и подобра иднина, изјави Османи.

Тој нагласи дека ако сме убедени дека од тој процес нема бегање, тогаш „чуму го блокираме најважниот најдобриот европски моментум што оваа држава го стекна после 17 години“, порачувајќи дека сега е време сите политички партии и субјекти што сакаат да го направат неповратен процесот за членство на земја во ЕУ до 2030 година, да седнат и да преземат координирани напори за да се создаде политички фронт за европската иднина на земјата.

Во контекст на уставните измени се и разговорите за „окрупнување“ на парламентарното мнозинство и вклучување на Алијанса за Албанците во Владата.

Премиерот Ковачевски изјави дека засега се уште нема конкретни разговори со Алијансата за Албанците за програмата за соработка и за кадровски прашања.

– Кога зборуваме за Алијансата за Албанците, тогаш треба да кажеме дека таа соработка треба да се направи врз основа на две претпоставки. Првата е програмско-политички и втората е кадровска и за такви се уште нема конкретни разговори, изјави Ковачевски.

Османи, пак, нагласи дека за сега не може да каже каков ќе биде исходот и текот на овие разговори со Алијансата.

– Граѓаните очекуваат од нас барем една година од нашиот политички живот да ги тргнеме партиско-политичките интереси на страна, да седнеме и да кажеме оваа година е одлучувачка за наредните децении. Ќе седнеме – во Владата, надвор од Владата и ќе ги донесеме тие одлуки, рече Османи.

Опозициската партија, останува на ставот дека не поддржува уставни измени и бара предвремени избори оваа пролет. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски викендов обвини дека полукриминални групи контролирани од СДСМ и ДУИ вршат притисок врз пратениците од власта кои сакаат да поддржат предвремени избори.

– Па, мислам дека не би имало човек во Парламентот, рационален човек кој што и сака добро на Македонија, а да не посакува избори. Но, оние полукриминални групи кој што, високото раководство на СДСМ и ДУИ ги контролираат и се дел од македонското подземје, веќе почнуваат да вршат притисок врз тие пратеници, изјави Мицкоски