Јавната седница за „Титаник 2“ во скопска апелација се одложи за 13 април, а дотогаш гонењето на Мијалков застарува. На седницата на која требаше да се разгледуваат жалбите, присутни беа само Мијалков кој е спроведен од затворот во Струга и Бедредин Ибраими кој рече дека не добил покана, но дошол по допрен глас и адвокатите, објави Телма.

Останатите обвинети не биле уредно поканети. Судијата Ѓоко Ристов, кој е претседател на советот, го презакажа судењето за 13-ти април. Според информациите од обвинителството, делото за Мијалков застарува на 7-ми април, а од одбраната коментираат дека веќе е застарено на крајот од март. Адвокатите денеска не дадоа изјава.

Во повторениот процес Мијалков беше осуден на 2 години затвор. Претходно првиот процес со слична казна беше поништен од скопска Апелација и вратен на повторно судење во скопскиот Кривичен суд. Првиот процес во двата суда се одолговлекуваше 5 години, најмногу поради неколкуте заболувања на Мијалков од корона.