Апелацискиот суд во Скопје ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд- Скопје со која новинарот и поранешен претседател на ЗНМ Насер Селмани е осуден за клевета и навреда, затоа што, според судот, не докажал дека „медиумите сè уште се контролирани од партиите и владата“ и дека „директорот на телевизијата врши притисок врз новинарите“.

Селмани потсети дека истиот директор во 2023 година јавно се вмешал во дебатна емисија — најпрво се обидел да го избрка гостинот, а потоа му наредил на новинарот да ја прекине програмата.

Судот не досудил надомест на штета, но го задолжил да ги плати адвокатските трошоци на тужителите и да објави дел од пресудата во дневен весник.

Селмани оценува дека случајот е значаен не поради личниот аспект, туку поради можните последици врз слободата на изразување во Северна Македонија. Според него, доколку доследно се применувале законот и практиката на Европскиот суд за човекови права, тужбата требало да биде отфрлена.

Селмани наведува дека ваквите постапки служат за заплашување и замолчување на критичките гласови и создавање „ефект на одвраќање“ од јавна дебата.

Проблемот, како што истакнува, бил препознаен и од Советот на Европа, кој во 2024 година ја донел препораката CM/Rec(2024)2 против злоупотребата на вакви тужби. Во неа државите членки се повикуваат да обезбедат безбедна средина за учество во јавната дебата без страв, дури и кога ставовите се спротивни на официјалните политики или доминантното мислење.

Во реакцијата се нагласува дека слободните избори и слободата на изразување, особено политичката дебата, се темел на секој демократски систем и има многу ограничен простор за нивно ограничување.

Селмани ги повика новинарските организации, меѓу кои Здружение на новинари на Македонија и СЕММ, како и други невладини организации, внимателно да го следат случајот и соодветно да реагираат.

Тој апелираше и до Делегацијата на Европската Унија во Скопје и амбасадите на САД, Германија, Франција и Обединетото Кралство да ги информираат своите влади за, како што наведува, негативната судска пракса што сериозно ја ограничува слободата на говорот во земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ.