Лидерот на Левца Димитар Апасиев продолжува да бара набљудувачи за неговата партија, кои ќе го следат почитувањето на правилата за време на изборите кои ќе се одржат на 17 октомври.

Како што е познато, огласот беше објавен уште на први овој месец, но најверојатно нема доволно пријавени, па Апасиев утрово повторно го сподели постот за барање на набљудувачи.

„Пријавете се за НАБЉУДУВАЧИ на Левица! Сами да го спречиме изборниот грабеж“, напиша утрово Апасиев на фејсбук.

Ова следува уште откако на први октомври Левица објави Јавен повик за пријавување на овластени претставници – набљудувачи на таа партија за Локалните избори 2021 година.

„Како единствена партија која директно произлегува од народот, чии членови се вашите синови и ќерки, вашите пријатели и другари; која функционира со минимум средства, само со ентузијазам и решеност за промена – ви се обраќаме вам, да дадете мал придонес во изборниот процес и да не дозволиме манипулација со народната волја!

Затоа драги наши сограѓани, работници, млади и стари – ве повикуваме да се пријавите за овластен претставник (набљудувач) на партијата Левица за претстојните локални Избори 2021.

Овластен претставник (набљудувач) може да биде секој полнолетен граѓанин на Република Македонија, подготвен непристрасно да го набљудува изборниот процес“, се велеше тогаш во објавата од Левица.