Актуелниот член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев вели дека обвинението против него за, според обвинителството, спорната набавка на двокатните кинески автобуси, е политички монтиран случај. Отфрла било каква вина и вели дека сите документи биле доставени. Банкарската гаранција и сертификатот се доставени.

-Не е точно дека не биле доставени пред отворањето на понудите. Ставени се заедно со понудите. Дури и сертификатот за квалитет е повисок од бараниот во јавната набавка. Ако тоа е пропустот тогаш треба со себе да си ги расчистат проблемите, вели Јанушев.

Инаку, Обвинителството за организиран криминал и коруција соопшти дека покренале обвинителен акт за четири лица, меѓу кои Игор Јанушев, тогашен директор на ЈСП Скопје и Миле Јанакиески, тогашен министер, за злоупотреба на службената положба и овластувањата. При набавката на 202 двокатни автобуси во 2010 година, тврдат од обвинителството кое го води Вилма Русковска, избрана е компанија не ги исполнувала условите а имала и поскапа понуда и со тоа го оштетиле буџетот на државата за нешто повеќе од 4,7 милиони евра.