Речиси сите луѓе заразени со коронавирусот развиваат антитела кои ги штитат од повторна зараза најмалку шест месеци, покажаа резултатите од британската студија, па научниците се надеваат дека бројот на повторно заразените ќе биде помал.
Организацијата „УК Биобанк“, која ја спроведе новата студија, тврди дека резултатите покажуваат дека процентот на луѓе со антитела или серопреваленца постепено се зголемува во Велика Британија, кој на почетокот на истражувањето во мај и јуни 2020 година изнесувал 6,6 отсто, а во ноември и декември се искачил на 8,8 отсто.
Исто така, било откриено дека серопреваленцата на SARS-CoV-2 е најчеста во Лондон каде изнесува 12,4 отсто, а најниска во Шкотска – 5,5 отсто.
Научниците тврдат дека резултатите од студијата, со која се проучувани нивоата на претходните инфекции со коронавирусот низ Велика Британија, како и колку долго биле присутни антителата во организмот на заразените лица, може да покажат дека случаите на повторна инфекција ќе бидат сè поретки.
„Огромното мнозинство на заболените имаат антитела кои можат да се откријат во организмот најмалку шест месеци по заразата со коронавирусот“, рекла Наоми Ален, професор и главен научник во „УК Биобанк“, која го спровела истражувањето.
Тоа покажало дека дури 99 отсто од испитаниците имале антитела три месеци по заразата со коронавирусот, а потоа уште шест месеци, тоа било случај со 88 отсто од нив.
„Иако сè уште не можеме со сигурност да кажеме како тоа влијае на имунитетот, резултатите од истражувањето покажуваат дека постои заштита најмалку шест месеци по заразата“, рекла Ален.
Додала дека резултатите од студијата се совпаѓаат со резултатите од другите студии спроведени во Велика Британија и Исланд, кои откриле дека антителата од повторна зараза можат да ги заштитат оние кои ја преболеле болеста дури и пред неколку месеци.
Студија на британските здравствени работници, чии резултати беа објавени минатиот месец, покажа дека заштитата од повторна инфекција трае најмалку пет месеци, но дека тие и понатаму можат да бидат носители и преносители/распространувачи на вирусот.