Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) побара поништување на одлуките за назначување на членови од редовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во Упрвавниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).
ДКСК смета дека одлуките се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Законот за АСЈО, и ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ги стават вон сила овие одлуки.
„Избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите“, истакнуваат од ДКСК.
Се наведува дека назначувањето на членови во Управниот одбор на Академијата треба да биде од редовите на судиите, односно на јавните обвинители, а не од редовите на членовите на овие две тела.
Судскиот совет и Советот на јавни обвинители тврдат дека нема ништо незаконито во нивните одлуки.