Пишува: Никица Корубин
Кога во јуни месец 2022 година, во време на носењето на преговарачката рамка во ЕУ врз база на “францускиот предлог”, тогашниот премиер Ковачевски, го одби од сред Брисел, никој немаше забелешка што тоа го направи во формат на Отворен Балкан, на заедничка прес-конференција со Србија и Албанија, за егзистенцијална одлука која се однесува исклучиво на Северна Македонија. На секого по заслугите, зарем не?
Во меѓувреме Албанија ги започна ефективните преговори со ЕУ по одделни поглавја, со претходно наводно “излегување” од Отворен Балкан, но очигледна со суштинска “присутност”. Која деновиве, при гласањето на двете одделни резолуции во Обединетите нации по повод третата годишнина на агресијата на Русија врз Украина; како мистериозно да “воскресна” освежувајќи ни ги сеќавањата на моделот Отворен Балкан.
Иако, Рама даде “благослов” за изборот на новиот американски претседател Доналд Трамп, опишувајќи го како “божји дар за ЕУ”, не отиде толку далеку како нашата власт, во безграничноста на поддршката. Па, макар и на наша штета, демонстрирајќи ја познатата поданичка матрица на поведение – “поголем Американец од Американците”. И кога се воочува “конфузијата” што ја предизвикаа неколку балкански земји, со односот кон двете резолуции, почнува да се исцртува нашиот “драг Отворен Балкан”.
Северна Македонија ја ко-спонзорира резолуцијата на САД, со која Русија веќе не се третира како агресор, без било каква формална одлука на надлежен орган (собрание, влада, претседател) на драстично променет став во надворешната политика, и истовремено гласа воздржано на сопствената ко-спонзорирана одлука. Надополнета со воздржаното гласање и на резолуцијата на Украина, која е само продолжение на сите – и од нас самите – донесени резолуции во Обединетите нации, зад кој застанува не само ЕУ, туку и целиот европски континент. Освен Унгарија и Белорусија.
Дури и “менторот” од Отворен Балкан, кој побрза уште вечерта “да ја признае грешката” за поддршката на истата, е доволно итра – Србија – да не оди против сопствениот европски континент. Што е патем речено, единственото нешто што е важно – дадениот глас – и што ќе остане забележано во официјалните документи како став на државата.
Во исто време “излезениот партнер од Отворен Балкан”, Албанија, во чудна симбиоза и “варијанти на темата”, ги ко-спонзорира и двете резолуции, но ја поддржува само онаа на Украина, вистинската, не оставајќи никаква трага во официјалните документи за своето амбивалентно однесување. Лесно е да се погоди, кој најлошо помина, дури и во регионалното трио, а не па на европската и светската сцена.
Во таа 2022 година, кога одлуките се објавуваа де-сувенерестички (а, можеби и носеле), зависно од потребите на Отворен Балкан, јавноста на големо се скандализира, медиумски и практично и се гради митот за “бугарскиот диктат”. Речиси три години подоцна, наглото јавно отстапување од заедничката европска позиција и позицијата на ЕУ, која нели е нашата стратешка цел, во најкритичниот момент, само го обзнанува очигледното – антиевропската суштина на “бугарскиот диктат”. И никаков наводно “про-американски” став тоа не може да го сокрие. Особено, што про-американството на овој начин и со овој пример, е прифатливо само кога е анти-европско.
Па, интересно е да се гледа деновиве, иако иманентно трагично и срамно, како сите директни и индиректни “соучесници”, во градењето на наративот на “загрозеноста на идентитетот”, кој се крие во “опасните точки и запирки” во “фамозните” протоколи; на сите аналитичари, медиуми, новинари и “проевропски и проамерикански” НВО-а кои ја скандализираа со денови и месеци јавноста за “францускиот предлог”; на сите партии и пара-партии сосе целиот партократско/клановски систем, ги откриваа и откриваат во “итарпејовски” стил “можните решенија” за деблокада на автоблокадата; и сите “знајни и незнајни” декларирани Европејци и Американци, суштински авторитарно-тоталитарни “демократи”, го разголуваат наративот на грд и непримерен начин – со пркосење на мнозинското про-европско и демократско расположение на граѓаните – и со авто деструктивно поведение и за нас и за регионот и за ЕУ. И гласно жалат за сопственото свесно и несвесно соучесништво. Или се радуваат, сеедно. Ефектот е постигнат, последиците ќе ги сведочиме.
Иако, звучи парадоксално, но прашањето за уставните измени, со сите “акробатики” останува единственото релевантно и со одминување на времето ултимативното “прашање на нормалност”. Плус шесте месеци на ВЛЕН кои си ги самододели во оваа ситуација се веќе комични, и наместо да даваат “јавни заклетви” на “ново американската подобност” нека се спуштат во оваа регионална и европска реалност. Сосе мнозинските партнери од власта, кои избраа да го имплементираат моделот на “седење на две столици”, кога двете столици се далеку колку што се далеку Европа и САД во моментов.
Опозицијата (онаа вистинската – ДУИ – и онаа што така се декларира), мора јасно да инсистира на носење на уставните измени, и итно отпочнување на преговорите со ЕУ, ако сакаме да ја задржиме можноста зборот “суверенизам” да го употребиме во наш контекст. Или повеќе милуваме, конечно, по децениските проектирани ламентации за “жртвите што сме ги дале”, да станеме вистинската жртва на “олтарот на непромисленоста” кога знаењето е единствено прифатливо. Знаењето на историјата, ама онаа базирана на факти, што било и што може да биде. Со наша или без наша согласност.