Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, одржа прес – конференција по неговото обраќање пред европратениците во Стразбур денеска, и истакна дека можен е напредок во процесот на проширување со Скопје и Тирана во октомври доколку има согласност на земјите – членки, јави дописничката на МИА од Брисел.
Словенечкиот премиер рече дека не ги разбира земјите – членки на ЕУ кои се противат на проширувањето, но смета дека е потребна дебата на темата.
-Постои дилема во Европа дали проширувањето е од стратешка важност или не, рече Јанша.
Тој нагласи дека според него тоа е случај и дека во последните петнаесет години ЕУ не само што не се проширила, туку и е намалена.
Во меѓувреме, додаде Јанша, други сили влијаат врз регионот на Западниот Балкан.
-ЕУ поминува премногу време да одговара тактички на последиците создадени од другите, ЕУ е прекрасна идеја и сакаме други земји да се приклучат, правиме сѐ што можеме да им помогнеме на овие земји да се приклучат, рече Јанша, чија земја на први јули го презема кормилото на ЕУ за шест месеци.
За Словенија проширувањето треба да биде врвен приоритет во Советот на ЕУ помеѓу земјите – членки.
-ЕУ прави големи чекори напред кога се фокусира на нештата, ако проширувањето стане шеста тема на дневен ред никогаш нема да стигнеме до темата, ако ја кренеме темата ќе можеме да направиме конкретни чекори напред, Албанија и Северна Македонија можат да одат напред на следниот самит во октомври ако се концентрираме сите на тоа, Европската Комисија помага, но тоа е политичка одлука, рече шефот на словенечката влада.
Јанша додаде дека тој не ги разбира противниците на проширувањето и изрази надеж дека со дебатите во рамките на Конференцијата за иднината на Европа ќе се отвори таа дискусија.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која исто така учествуваше на прес – конференцијата, нагласи дека Западниот Балкан е дел од европското семејство, но дека треба прво да ги оствари потребните реформи и исполни условите.
-Целта е да ги започнеме Меѓувладините конференции со Албанија и Северна Македонија, тоа се многу конкретни чекови, а ние како Комисија поднесовме инвестициски план од 9 милијарди евра за поддршка Западниот Балкан да го развие регионалниот пазар, што е подготовка за приклучување кон заедничкиот ЕУ пазар, изјави фон дер Лајен.