Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК, Сашко Мијалков велат дека се невиви за уништувањето на опремата за прислушување, со која беа следени телефоните на повеќе од 20.000 граѓани.
На денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“, Јанкуловска рече дека немало ниедна забелешка за работата на комисијата, која донела одлука за уништување на опремата. За тоа, дознала дури кога СЈО отвори истрага за овој случај.
Таа целата вина ја префрли на членовите на комисијата.
„Не можам да потврдам дали сум ги примила лично извештајот и записникот од работата на комисијата затоа што тоа се случуваше на 8 мај а јас бев разрешена на 12 мај 2015 година. Во тие четири дена се случија и настаните во Диво Насеље, па јас физички не бев во МВР бидејќи тогаш се одржуваа и седници на Влада и на Советот за безбедност.“ изјави Јанкулоска.
Ни поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков не се чувствува виновен за уништување на опремата. Мијалков рече дека доколку имало пропусти, директорот на УБК има одговорност но, тогаш би требало да одговара само за несовесно работење.
„Ако навистина се следело незаконски, уништување на еден од системите немаше да помогне да се откријат доказите. Многу едноставно може да се утврди дали цедеата со бомбите биле снимени во УБК, од каде што свиркачот Ѕвонко Костовски рече дека ги снимал материјалите и ги изнесувал„ рече Мијалков.