Одбивањето на НАТО да даде безбедносен сертификат на полковникот Зоран Секуловски, кој од македонските власти беше предложен за шеф на воената мисија на Северна Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, нема да ја наруши довербата меѓу Алијансата и Северна Македонија, изјави за ZOOM.mk полковникот Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.
„Ова е вообичаена безбедносна процедура во рамките на безбедносните политики на НАТО и на Вашата национална регулатива. Јас сум сигурен дека такви случаи има во сите нови држави-членки. Кога Словенија стана членка на НАТО, и ние имавме такви случаи и не секој доби безбедносен сертификат. Истото ќе се случува и тука во Северна Македонија. Не сметам дека со ова се нарушува довербата кон вашите власти, туку само како дел од една вообичаена процедура во секоја земја-членка“, вели полковникот Јанковиќ.
Тој смета дека Северна Македонија како нова членка на НАТО можеби се уште не е упатена на процедурите на НАТО додавајќи дека не е грешка што е предложен и добиен Секуловски бидејќи такви се процедурите.
„На почеток нема да се бара високо ниво на безбедносен сертификат за многу лица, но понатаму се’ повеќе и повеќе ќе зачести потребата за високо ниво на безбедносен сертификат. Затоа уверен сум дека со постоечките процедури, со воспоставените политики, ќе се овозможи избор на прави кадри за потребните позиции“, истакнува шефот на Мисијата на НАТО во Скопје./ZOOM.mk